На 05.04.2012 година во просториите на Стопанска комора на РМ здружението МАКЛАБ организираше работна средба со цел да ги запознае сите заинтересирани со формирањето на Македонското здружение на лаборатории МАКЛАБ, неговите цели, активности и програмата за работа. На оваа работна средба присуствуваа околу стотина претставници од државните институции, претставници од ИАРМ и ИСРМ, претставници од Високообразовните институции, лаборатории, приватни компании и лаборатории во состав на компаниите со што уште еднаш се потврди потребата од развивање на едно вакво здружение. Во текот на своето излагање, претседателот на МАКЛАБ М-р Магдалена Трајковска Трпевска ги запозна присутните со целите, плановите и програмата за работа на здружението при што ги повика сите заинтересирани да станат членови на здружението и активно да се вклучат во неговата работа. Формирањето на здружението МАКЛАБ беше поздравено од страна на директорот на ИАРМ, д-р Трпе Ристоски кој ја истакна важноста на здружението МАКЛАБ како партнер на ИАРМ во насока на промовирање на акредитацијата и унапредување на квалитетот на лабораториските услуги.