Меѓународната конференција “Квалитет и компетентност 2013“ во организација на Македонското здружение на лаборатории и инспекциски тела МАКЛАБ и Институтот за акредитација на Република Македонија се одржа од 13-15 јуни 2013 година, во хотел Метропол во Охрид. Оваа конференција се организираше со цел развој и унапредување на квалитетот и компетентноста на лабораториите и инспекциските тела во Република Македонија преку презентирање на сопствените искуства и разменување на искуства со лабораториите, инспекциските тела и институциите за квалитет од регионот и пошироко.
Конференцијата „Квалитет и компетентност 2013“ започна со свечениот коктел за добредојде на 13 јуни 2013 година. На свечениот коктел присутните беа поздравени од страна на претседателот на МАКЛАБ, м-р Магдалена Трајковска Трпевска, и директорот на ИАРМ, д-р Трпе Ристоски кои притоа го истакнаа значењето на конференцијата како можност за разменување на искуства и идеи во насока на унапредување на квалитетот и компетентноста во сите аспекти.

 

 

 

 

Работниот дел на конференцијата “КВАЛИТЕТ И КОМПЕТЕНТНОСТ 2013„ започна на 14 јуни 2013.
Во име на Македонското здружение на лаборатории и инспекциски тела МАКЛАБ, конференцијата за отворена ја прогласи претседателката на МАКЛАБ, м-р Магдалена Трајковска Трпевска.

 

 

 

 

Во своето обраќање до учесниците , претседателката на МАКЛАБ ги истакна целите на конференцијата и тоа:
– Развивање и потик на можности за соработка меѓу лаборатории и инспекциски тела на национално и интернационално ниво
– Истакнување на потребата од континуирано задоволување на техничките и организационите барања на системите за квалитет со кои се изразува компетентноста на лабораториите
– овозможување на корисни стручни предавања од страна на компетентни автори.
Исто така беше истакнато дека оваа конференција претставува одлична можност за дружење помеѓу учесниците со цел размена на искуства и акцептирање на нови информации за квалитетот и компетентноста.

 

 

 

 

Поздравно обраќање на отварањето на конференцијата “КВАЛИТЕТ И КОМПЕТЕНТНОСТ 2013„ имаше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, г-н Стево Темелковски. На отварањето на конференцијата “КВАЛИТЕТ И КОМПЕТЕНТНОСТ 2013„ свое обраќање имаа и г-н Јири Собола, претседател на Европската федерација на национални асоцијации на лаборатории ЕУРОЛАБ, г-н Борче Размоски – претседател на советот на ИАРМ, г-ѓа Штефица Церјан Стефановиќ-претседател на КРОЛАБ , г-н Ранко Николиќ – директор на акредитацикото тело на Црна Гора и г-ѓа Јасна Стојановиќ – директор на акредитациското тело на Србија.
На конференцијата “Квалитет и компетентност 2013“ учествуваа повеќе од 90 учесници кои во текот на конференцијата го искажаа својот заеднички интерес за тематските целини на конференцијата и споделувањето на индивидуалните искуства за заедничките теми и проблеми. Особено радува фактот што на оваа прва конференција во Македонија посветена на квалитетот и компетентноста имавше голем број учесници како од Р. Македонија, така и од Србија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Турција и секако претседателот на ЕУРОЛАБ, г-н Јири Собола кој доаѓа од Чешка.

 

 

 

 

 

Учесниците на конференцијата покажаа голем интерес во текот на работните сесии на конференцијата вклучително и во текот на регионалната средба на националните тела за акредитација. Елаборираните теми во секоја од тематските целини предизвикуваа исклучително интересни прашања и дискусии кои дополнително придонесоа за ефективноста на конференцијата.

 

 

 

 

Исто така во рамките на конференцијата беше организирана туристичка прошетка низ Охридското езеро со брод и посета на Охрид со која на учесниците на конференцијата им беше овозможено да се запознаат и да уживаат во природните убавини на Охридското езеро и Охрид.
Со организацијата на оваа конференција, МАКЛАБ заедно со ИАРМ, како нејзини организатори значително допринесоа кон промовирањето на квалитетот како значаен фактор за развој на економијата. МАКЛАБ како здружение на лаборатории и инспекциски тела, преку организација на ваков тип на стручни средби отворени за целокупната јавност, има за цел да ја истакне вистинската улога на лабораториите и инспекциските тела на домашниот и светскиот пазар на услуги и производи.